АероШАРК го намалува отпорот на авионите

Соработката помеѓу инженерите во Луфтханза Техник и производителот на хемикалии и премази БАСФ (BASF) резултираше со создавање на АероШАРК – тенка фолија и слој што може да се нанесе на надворешната површина на авионите за да се намали отпорот на воздухот, а со тоа и потрошувачката на гориво и емисиите на јаглерод. Свис Интернешнал Ерлајнс (Swiss International Airlines) објави блог запис на нивната веб-страница во кој ја опишува фолијата и придобивките што компанијата очекува да ги добие од него. Луфтханза Техник, исто така, објави блог запис со детали за развојот на AeroSHARK.

Тенката фолија е развиена како дел од напорот што го започнаа инженерите во Луфтханза кои бараат начини да ги намалат трошоците за гориво за нивните авиони. За таа цел, тие погледнаа кон природата, и поконкретно, кон ајкулите – суштества кои биле формирани во текот на милиони години еволуција. Истражувачите откриле дека кожата на ајкулата е покриена со милиони „риблети“, кои се испакнатини и кои се протегаат по должината на нивните тела. Инженерите потоа се здружија со група научници во БАСФ за да создадат сличен тип на кожа (слој) за авиони. Резултатот беше создавањето на АероШАРК, чиста, тенка кожа со милиони риблети, секоја висока само 50 микрометри. Тестирањето покажа дека материјалот го намалува отпорот.

Истражувачите откриле дека со нанесување на слојот на целиот труп и на моторите на Боинг 777, тие би можеле да ја намалат потрошувачката на гориво за 1,1%. Свис Ерлајнс проценува дека фолијата ќе резултира со намалување на потрошувачката на гориво во нејзината флота за 4.800 метрички тони годишно, што, пак, ќе резултира со намалување на емисиите на јаглерод за 15.200 метрички тони. Тие сугерираат дека таа сума е еквивалентна на 87 летови на долги релации од Цирих до Мумбај. Свис планира да ги премачка сите 12 од своите авиони 777-300ER со АероШарк почнувајќи од ова лето. Во меѓувреме, Луфтханза почна да ги обложува сите свои големи товарни авиони со новата кожа (фолија).