Агро проекти и опрема

Агро проекти и опрема за органско и конвенционално земјоделско производство што опфаќаат одгледување на растенија и животни, како и проекти и опрема од прехранбената индустрија за производство на храна, суровини, преработка на примарни производи, а ги вклучува сите еколошки, економски и општествено оправдани производно-технолошки методи, зафати и мерки, со пропишана употреба на адекватно ѓубриво, средства за заштита, репроматеријали, во согласност со меѓународно усвоените норми и начела за квалитетно земјоделско производство.

За многумина иднината е во органско производство. Во светот се повеќе се вложува во органско и еколошко земјоделство и производство на органска храна. И во Р. Македонија површините со органско земјоделско производство се зголемуваат, а потенцијалот е огромен. Неопходна е добра организираност во целиот процес на производство, во маркетинг активностите, логистиката и продажбата. Првиот сертификат за органско производство во Македонија е издаден во 2004 год., а Законот за органско производство е донесен во 2010 година.

Зеленчук, житарици, месо и месни преработки, или органско вино и друг вид пијалоци се еден дел од асортиманот на органска храна која се повеќе се бара на регионалните и европските пазари. Побарувачката е поголема од понудата. Но производите мора да се понудат на начин да исполнат низа стандарди за квалитет и продажба. Пазарот на органски производи во Германија, Велика Британија, Швајцарија, скандинавските земји итн. доживува вистински бум. Бидејќи во најголемиот број земји не се произведува доволно за да се покрие домашната побарувачка, тоа влијае врз околните држави и создава шанса која треба паметно да се искористи. Затоа и во Југоисточна Европа органското производство е во постојан подем и се повеќе се развива.

Иако искористените површини со органско производство во Р. Македонија засега зафаќаат мал процент од вкупната земјоделска површина, поволната клима, плодното тло и се поголемата побарувачка поволно влијааат врз трендот. Неопходна е поголема подршка од државата во вид на субвенции и други поволности кои би влијаеле за поголем развој на индустријата за производство на органска храна и друг вид органски и еколошки прифатливи производи, како и за подобрена конкурентност на македонските органски производи.

Покрај органското земјоделско производство, голем е потенцијалот на конвенционално земјоделско производство на првокласни земјоделски производи. Правилно одгледани, набрани, исчистени, сортирани земјоделски производи и шумски плодови, наредени во соодветна квалитетна паковка, разладени на потребна температура и адекватно транспортирани се нешта кои се повеќе се ценат на пазарот и од страна на потрошувачите. Ваквиот однос придонесува и за зголемен интерес и побарувачка. Затоа е неопходна и правилна поставеност и организираност на производството, логистиката, маркетингот и продажбата. Соработката за окрупнување на земјоделските површини исто така е значаен фактор за обезбедување конкурентно земјоделско производство и висококвалитетни производи.