
Економијата на Европа опфаќа околу 748 милиони луѓе во 50 земји, каде Европската унија (ЕУ) и нејзината заедничка валута, еврото, се главните носечки економски столбови. Додека повеќето европски држави имаат БДП по глава на жител повисок од светскиот просек и се многу високо развиени, некои европски економии, и покрај нивната позиција над светскиот просек во Индексот за човечки развој, се посиромашни. Европа има вкупна банкарска актива од повеќе од 50 трилиони американски долари, а нејзините глобални средства под управување (global assets under management) се повеќе од 20 трилиони долари.
Притоа, под терминот европска економија се вбројуваат и држави чија територија е само делумно во Европа, како што се Турција, Азербејџан и Грузија, и држави кои географски се во Азија, но граничат со Европа и културно се придржуваат кон континентот, како Ерменија и Кипар.
Најголемите европски национални економии со БДП (номинален) од повеќе од 1 трилион долари се:
Германија (околу 4,3 трилиони долари),
Франција (околу 3,1 трилиони долари),
Обединетото Кралство (околу 3,1 трилиони долари),
Италија (околу 2,1 трилиони долари),
Русија (околу 1,7 трилиони долари),
Шпанија (околу 1,5 трилиони долари),
Холандија (околу 1,0 трилиони долари),
Други големи европски економии се Швајцарија, Полска, Шведска, Белгија, Австрија, Норвешка, Ирска и Данска. Европската унија, со БДП од околу 16 трилиони долари, генерира приближно 2/3 од европскиот БДП.
ЕУ како целина е втората најбогата и втора по големина економија во светот, помалку од САД за околу 5 трилиони долари.

Од првите 500 најголеми светски корпорации мерени според приходите (Fortune Global 500 во 2010 година), 184 имаат седиште во Европа. 161 се наоѓаат во ЕУ, 15 во Швајцарија, 6 во Русија, 1 во Турција, 1 во Норвешка.
Просечниот животен стандард во Западна Европа е многу висок, а големиот дел од населението во Западна Европа сè уште ги ужива највисоките животни стандарди во светот и во светската историја.