
Според дефиниција, под економски, односно стопански раст се подразбира зголемувањето на општиот обем на производство на стоките и услугите во економијата. Обично, економскиот раст се пресметува и изразува како процентуално зголемување на бруто-домашниот производ во однос на претходниот временски период. Всушност, како што може да се прочита во различна стручна литература, постојат различни дефиниции за економскиот раст.
Според дефиницијата во Оксфордскиот речник: „Економскиот раст е зголемување на производството на стоки и услуги по глава на население во одреден временски период“. И дефиницијата во речникот на Кембриџ е слична која го дефинира растот како „зголемување на економијата на една земја, особено на вредноста на стоките и услугите што ги произведува земјата“.
Генерално, дефиниција што може да се најде во најголем број публикации е дека економскиот раст е „зголемување на количината на стоки и услуги произведени по глава на население во одреден временски период“, односно економскиот раст опишува зголемување на квантитетот и квалитетот на економските добра и услуги што ги произведува една земја.
Најважната промена во количината е од нула до еден, кога ќе стане достапен нов производ. Многу од најважните промени во историјата станале можни кога биле развиени нови производи и услуги; да ги земеме на пример антибиотиците, телефонот, ТВ уредот, компјутерите.
Економскиот раст е значајно поврзан со технолошките промени. Како еден најнов историски пример може да се земе светската економија во периодот на воведувањето на интернетот и сите технологии кои дојдоа заедно со интернетот. Притоа, економскиот раст не е само чисто зголемување на производниот или услужниот капацитет, туку и подобрување на условите за живот на луѓето кои живеат од таа економија.
Но, голем дел од светот сè уште живее во сиромаштија: 62% живеат со помалку од 10 долари дневно, а 86% живеат со помалку од 30 долари. Се смета дека дури и по два века на значаен економски напредок, сè уште сме во рана фаза на глобалното намалување на сиромаштијата.
Дека светот постигна значителен напредок, но сепак има уште долг пат да се помине, е еден од големите светски преокупации и проблеми. Често се искажуваат три факти кои се вистинити во исто време: светот е многу подобар, светот е ужасен и светот може да биде многу подобар. Ова особено се однесува за сиромаштијата на светско ниво. Светот е значително помалку сиромашен отколку во минатото, но сепак е многу сиромашен и тоа останува еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме.
Генерално постојат два приоди како решенија за позначително намалување на светската сиромаштија. Некои сугерираат дека можеме да ставиме крај на сиромаштијата со едноставно намалување на глобалната нееднаквост. Но, се смета дека и ова не е решение, бидејќи е јасно дека само намалувањето на нееднаквоста сепак би значело дека милијарди ширум светот и понатаму би живееле во многу лоши материјални услови, т.е. дека оние кои не ја гледаат важноста на растот не се свесни за степенот на глобалната сиромаштија. Токму, производството на многу клучни стоки и услуги треба да се зголеми ако сакаме да ја намалиме сиромаштијата.
Историјата на економскиот раст е историја на тоа како општествата ја намалуваат широко распространетата сиромаштија со изнаоѓање начини за производство на повеќе добра и услуги што им се потребни на луѓето.
Но, за да се решат проблемите со кои се соочуваме, не е доволно да се зголеми целокупното производство. Исто така, треба да се донесат добри одлуки за тоа кои производи и услуги треба да ги произведуваме повеќе, а кои помалку. Растот нема само стапка, тој има и насока и насоката што ја избираме е важна – за нашата сопствена среќа и за постигнување одржлива иднина.
Извор: owd/mr