Економски раст

Место за живеење, храна, пристап до образование, добро здравје, квалитетни социјални врски, достоинство и почитување, култура и креативно изразување, мир, човекови права, здрава животна средина, среќа. Ова се само некои од многубројните работи за кои се грижиме во нашите животи.

Во суштината на многуте од овие нешта се потреби за кои се неопходни одредени добра и услуги: на пр. куќа во која ќе живееме, доволна количина на различен вид прехранбени производи за исхрана, книги и учители кои овозможуваат образование, лекарства и здравствени услуги од лекарите.

Многу од работите што ги гледаме наоколу се производи што ги произвел некој за да можеме да ги користиме: облеката што ја носиме, уредите што ги користиме, струјата што ги напојува, мебелот околу нас, тоалетот што е во близина, канализациониот систем на кој е приклучен, автобусот, автомобилот или велосипедот што сме ги користеле за да стигнеме таму каде што сме, храната што ја јадеме во текот на денот, лековите што ќе ги добиеме кога ќе се разболиме, секој прозорец и врата во нашиот дом и секоја книга на нашата полица.

Во минатото многу од овие производи не биле достапни. Мнозинството луѓе немале пристап до најосновните добра и услуги што им биле потребни. Една неодамнешна студија за историјата на глобалната сиромаштија проценува дека пред два века, приближно три четвртини од луѓето во светот не можеле да си дозволат минимален потребен простор за живеење, доволно храна што не би предизвикала неухранетост и основен капацитет за греење.

Пред неколку века, единствениот начин да се произведе книга била писарот да ја препише од збор до збор, рачно. Изработката на книги бил бавен процес. На еден писар му биле потребни околу осум месеци секојдневна работа за да изработи еден примерок од Библијата.

Но потоа, во 15 век, златарот Јоханес Гутенберг ја искомбинирал идејата за подвижни букви со механизмот што го знаел од пресите за вино во неговото родно место. Ја создал пресата за печатење. Гутенберг развил нова производна технологија и таа драматично ги променила работите. Наместо да троши месеци за да направи една книга, еден работник сега можел да произведува неколку книги на ден.

Како што печатарската преса станувала се подостапна низ Европа, производството на книги се зголемувало. Книгите, кои претходно биле достапни само за мала елита, станале достапни за сè повеќе луѓе.

Ова е еден пример за тоа како е можен раст и што е економски раст: зголемување на производството на стоки и услуги што луѓето ги произведуваат едни за други.