
Гледајќи во долгорочна перспектива, за иднината на економскиот раст во светот се посочува дека ќе биде определена од неколку позначајни фактори, меѓу кои најистакнати се растот на населението и растот на продуктивноста која зависи од способноста за иновации.
1. Демографијата е судбина
Колку повеќе работоспособни луѓе има една земја, толку е поголема веројатноста да има економски раст и зголемување на богатството. Имено, колку повеќе работоспособно население (16-65 години) има една земја, толку повеќе се потенцијалните придонесувачи за економскиот раст, и поради нивната продуктивност и поради нивното трошење.
Со тоа се објаснува зошто на земјите како Италија и Јапонија, чие население се намалува, им е потешко да ја развиваат својата економија отколку на САД, Индија или Кина каде населението сè уште расте. Се разбира, потезите што ги прават политичарите и способноста на земјата да создава иновации, исто така играат значајна улога. Но, во голема мера, старата поговорка останува вистинита: демографијата е судбина. Во принцип, тоа е добра вест за многу пазари во развој, кои треба да продолжат да бележат „природен“ економски раст.
2. Потребата е мајка на пронајдокот (Платон)
За земјите кои повеќе немаат демографска дивиденда од растечка популација, единствениот друг начин да го зголемат нивното идно богатство е да ја применат втората компонента за економски раст: растот на продуктивноста. Таков е случајот со многу западни земји денес, на пример, земјите како Јапонија и Германија веќе го поминаа „пикот на население“.
Потребата е мајка на иновацијата, како што велеше Платон одамна. Тогаш, не е случајно што претстојната „Четврта индустриска револуција“ и нејзината придружна експлозија на продуктивност се чини дека најпрво значително се развиваат во земји како Јапонија и Германија. Јапонија сè позасилено развива роботска технологија и роботи кои имаат вештачка интелигенција за да се применат за широк спектар на работни задачи, додека Германија го предводи притисокот кон „паметни фабрики“ во својата индустрија.
3. Политиките на Владите
Како да се погрижиме да ги искористиме придобивките од вештачката интелигенција, роботите и другите подобрувачи на продуктивноста во 21 век? Растот на продуктивноста во 21 век во голема мера зависи од иновациите, а иновациите можат да се појават само ако имате добро образовано население и значителен број на центри за истражување и иновации. Тоа пак, зависи и од акцентот што владите го ставаат на образованието, истражувањето и развојот. Приватните компании и слободниот пазар ќе одлучат кои иновации се вредни, но нивната плодна почва е нивото на образование што го има во одредена земја.
Како заклучок, образованието се чини дека ќе игра одлучувачка улога во обезбедување на услови на сигурен економскиот раст. За да се осигура дека демографскиот раст води кон економски раст на пазарите во развој, акцентот треба да се стави на непречена демографска транзиција. За да се осигура дека демографскиот пад во развиениот свет нема да доведе до економски пад, неопходен е зголемен фокус на растот на продуктивноста. Во 21 век, тоа ќе произлезе најмногу од зголемениот фокус на образованието, истражувањето и развојот воопшто.
Извор: WEF