Решенија за побрз економски развој

Република Македонија по стекнувањето на својата независност, излезе од СФРЈ како најсиромашна и економски најнеразвиена Република. Економијата уште повеќе тонеше поради бројни фактори. Иако се вложени големи напори за подобрување на економската ситуација, тоа се покажа како недоволно за подобрување на животниот стандард на луѓето. Се позначителното е иселувањето на населението во потрага по пристојна заработувачка, посигурна иднина, средина која ќе им овозможи остварување на интелуктуалниот, работниот, претприемничкиот и креативниот потенцијал, нормални услови за живеење, како и покултурна и цивилизирана средина. И во денешно време економските перспективи на државата не изгледаат поповолно. Некои од проблемите се надминати, а многу се сеуште во фаза на надминување. Република Македонија мора што побрзо да најде решенија за постигнување континуиран и брз пораст на економијата, развој на културата и моралните вредности во општеството. Поттикнување на претприемничкиот и креативниот потенцијал, на приватната иницијатива, зголемувањето на економскиот раст и конкурентноста на сигурна основа, повисока стапка на вработеност, порастот на животниот стандард и квалитетот и безбедноста на живеење мора од декларативна заложба и политички маркетинг да станат вистински стратешки приоритет на државата. За реализација на овој приоритет постојат широк спектар на економски мерки и инструменти. Обезбедување безбедни и поволни услови за водење бизнис, квалитетни законски решенија, потиснување на политички поддржани олигархиско-мафијашки структури во општеството, окончување со политичкиот хулиганизам и организираниот криминал, заштита на малиот бизнис, приватната сопственост и приватноста на луѓето и на поединците, зголемувањето на домашните и странските инвестиции и подобрувањето на квалификациите на работната сила имаат голем придонес кон зголемувањето на економскиот развој. За постигнување на поголем економски раст потребно е креирање и спроведување на адекватна политика за рамномерен развој на сите региони во Република Македонија.