Одржлив развој

Концептот на одржлив развој може да се толкува на различни начини, но во неговото средиште е пристапот кон развојот кој има за цел да ги балансира различните, и честопати конкурентни, потреби наспроти свесноста за еколошките, социјалните и економските ограничувања со кои се соочуваме како општество.

Животот во рамките на лимитите на нашата природна околина, е еден од централните принципи на одржливиот развој. Но, фокусот на одржливиот развој е многу поширок од самата природна околина според креаторите на политиките на одржлив развој во светот. Се работи и за обезбедување праведно и здраво општество. Ова значи задоволување на различните потреби на сите луѓе во постоечките и идните заедници, промовирање на личната благосостојба и социјалната кохезија.

И во бизнис и политички контекст, границите на одржливоста се одредуваат од физичките и природните ресурси, деградацијата на животната средина и социјалните ресурси. Според тоа, одржливите политики ставаат одреден акцент на идниот ефект на која било дадена политика или бизнис практика врз луѓето, економијата и екологијата. Концептот често одговара на верувањето дека без големи промени во начинот на кој се води планетата, таа ќе претрпи непоправлива деградација.

Особено, одржливиот развој е сеопфатната парадигма на Обединетите нации. Концептот на одржлив развој беше опишан во Извештајот на Комисијата Брантланд од 1987 година како „развој кој ги задоволува потребите на сегашноста без да ја загрози способноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби“.

Постојат четири димензии на одржливиот развој – општество, природна околина, култура и економија – кои се испреплетени, а не одвоени. Одржливоста е парадигма за размислување за иднината во која еколошките, општествените и економските размислувања се избалансирани во потрагата по подобрен квалитет на живот. На пример, просперитетното општество се потпира на здрава животна средина за да обезбеди храна и ресурси, безбедна вода за пиење и чист воздух за своите граѓани.

Која е разликата помеѓу одржливиот развој и одржливоста? Одржливоста често се смета за долгорочна цел (т.е. поодржлив свет), додека одржливиот развој се однесува на многуте процеси и патишта за нејзино постигнување (на пр. одржливо земјоделство и шумарство, одржливо производство и потрошувачка, добро владеење, истражување и трансфер на технологија, образование и обука итн.).

Целите за одржлив развој (ЦОР) — група од 17 цели во врска со меѓународниот развој, се утврдени од страна на Обединетите нации и се промовирани како „Глобални цели за одржлив развој“. Овие Цели за одржлив развој, Обединетите нации ги нарекуваат свој „план за постигнување подобра и поодржлива иднина за сите“. Тие се обидуваат да постигнат цели како што се ставање крај на сиромаштијата и гладот во светот, овозможување подобро здравство и образовни можности, промовирање пристап до обновлива енергија, обезбедување иновации и добра инфраструктура, одговорно користење на ресурсите итн.

Правото на ЕУ бара од сите релевантни политики на ЕУ, вклучително и трговската политика, да промовираат одржлив развој. Трговската политика на ЕУ има за цел да обезбеди економскиот развој да оди рака под рака со: социјална правда; почитување на човековите права; високи работни стандарди и; високи еколошки стандарди.

ЕУ се стреми да обезбеди трговската политика да помогне во промовирањето на одржливиот развој преку: трговски договори на ЕУ; посебни стимулации за земјите во развој, и; трговија и развојна политика.

До денес, образованието за одржлив развој е интегрирано во многу глобални рамки и конвенции поврзани со клучните области на одржливиот развој.

Животот, сепак, покажаува дека обидите за имплементација на концептот за одржлив развој не се доволно успешни за да го направат главен момент во решавањето на светските проблеми. Сиромаштијата, демографските процеси и природната околина се едни од најзабележливите, најсложените и најраспространетите прашања во спроведувањето на стратегијата за одржлив развој.

Така, противречностите, идентификувани во текот на имплементацијата на концептот за одржлив развој, го демонстрираат неговиот внатрешен логичен парадокс. Неусогласеноста на националните интереси со глобалните интереси е една од главните противречности.

Концептот на одржлив развој беше, и сè уште е предмет на критики, вклучувајќи го и прашањето што треба да се одржи во одржливиот развој.

Критиката на концептот за одржлив развој се развива во следните насоки:

– Самиот термин „одржлив развој“ и неговата внатрешна логичка противречност.

– Теснотијата на терминот и тенденција да се обликуваат глобалните проблеми во еколошки контекст.

– Отсуството на единствен концепт на одржлив развој, со повеќекратни дефиниции на концепти кои предизвикуваат значителни тешкотии во спроведувањето.

– Селективноста на концептот за одржлив развој, неговиот изворен елитизам и империјалистички карактер. Постои мислење дека имплементацијата на концептот на одржлив развој може да донесе корист само за одреден дел од човештвото, а не за сите луѓе.

– Контроверзниот карактер на неколку методи што ги користи концептот за одржлив развој.

– Различноста во разбирањето на целите на одржливиот развој, природно произлегува од различните погледи на светот на земјите и луѓето кои ја претставуваат културната, социјалната и политичката различност.

– Самото прашање за подготвеноста на човештвото и на поединечните нации за глобална интеграција, што ќе бара голема трансформација на нивните политички и економски системи, е доста контроверзно. Има и историски карактер и ги опфаќа и културните прашања, како и морално-етичката самоидентификација на човекот.

Извор: ун/еу