Економија на Македонија

Република Македонија има отворена пазарна економија, со население од околу 2.022.547 жители според последниот пописен податок од 2002 година.

Република Македонија претрпе значителни економски реформи од независноста. Земјата разви отворена економија со трговија со повеќе од 90% од БДП во последниве години.

Макроекономските показатели веќе подолго време се релативно добри. Република Македонија е умерено задолжена земја, со долг од околу 6,95 милијарди евра, што е 59,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Државата располага со средно кфалификувана и евтина работна сила. Инфраструктурата е во релативно добра состојба, но сепак требаат инвестиции во оваа област. Република Македонија е членка на Светската трговска организација, интегрирана во меѓународната трговска размена.

После нејзината независност од Југославија во 1991 година, земјата беше лишена од нејзините клучни заштитени пазари и големите трансферни плаќања од Белград, но нејзината економијата стана полиберализирана, со подобрено деловно опкружување. Пред независноста, Македонија беше најсиромашната република во Југославија (само 5% од вкупното федерално производство на стоки и услуги). Отсуството на високо развиена инфраструктура, процесот на политичка, економска и општествена транзиција, начинот и процесот на приватизацијата на општествениот и државен капитал, санкциите на Обединетите нации на нејзиниот најголем пазар (Сојузна Република Југославија), грчкото економско ембарго итн., го попречуваа економскиот раст до 1996 година. Економијата сеуште се смета за пост-транзициска, со сѐ уште нерешени транзициски проблеми.

Република Северна Македонија е членка на НАТО алијансата и има потпишано Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија, договори за слободна трговија со ЦЕФТА и ЕФТА, како и билатерални договори со Турција и Украина, членка на економската зона Отворен Балкан (претходно Мини Шенген зона).

Земјата е осетлива на економските случувања во Европа – поради силните банкарски и трговски врски – и зависи од регионалната интеграција и напредокот кон членство во ЕУ за континуиран економски раст.

Слободни економски зони

Во обид да привлече поголем интерес од домашни и странски инвеститори, државата спроведува политика на Слободна економска зона, во рамките на која никнаа повеќе од десетина географски различни слободни економски зони. Една од придобивките е даночно ослободување за 10 години.

Странски директни инвестиции

Политиките и напорите на државата во однос на странските директни инвестиции резултираа со формирање локални подружници на неколку водечки светски производствени компании, особено од автомобилската индустрија, како што се: Johnson Controls Inc., Van Hool NV, Johnson Matthey plc, Lear Corp. , Visteon Corp., Kostal GmbH, Gentherm Inc., Dräxlmaier Group, Kromberg & Schubert, Marquardt GmbH, Amphenol Corp., Tekno Hose SpA, KEMET Corp., Key Safety Systems Inc., ODW-Elektrik GmbH итн.

Невработеност

Невработеноста е континуиран проблем во економијата каде што голем процент од квалификуваната работна сила не може да најде работа. Многу луѓе останаа без работа со распадот на Југославија. Како резултат на тоа, невработеноста беше над 35% (37,30% во 2005 година), но тој број оттогаш падна на 16,6% (2019), при што населението под прагот на сиромаштија, исто така, опадна од 30,4% (2011) на 21,5% (2015).

Година  1995  2000  2005      2010        2015        2016        2017        2018        2019        2020

Невработени    N/A     N/A   N/A   311.000  265.000   225.000    218.601   199.325   161.242   156.627

Проценти (%)   30%    33%   38%      32%        27%         24%         22,9%      19,4%       16,6%      16,2%

Бруто-домашен производ во 2020 година

Според податоци на Државниот завод за статистика, добиени од годишните сметки на деловните субјекти и други извори, бруто-домашниот производ во 2020 година изнесува 655 931 милион денари и во однос на 2019 година номинално е намален за 5.3 %. Реалната стапка на раст на БДП во 2020, во однос на 2019 година, изнесува -6.1 %.

Најголемо учество на додадената вредност во структурата на БДП во 2020 година имаат секторите: (Е, Ж и З) Трговија на големо и трговија на мало; Поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 19.2 %. Потоа следуваат секторите  (Б, В, Г и Д) Преработувачка индустрија; Снабдување со енергија; Рударство и вадење на камен; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води и сл. со 17.3 %.

Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2020 година изнесува 58.9 %.

Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 58.5 %, машините и опремата со 31.4 %, а останатите инвестиции со 10.1 %.

Услови за водење бизнис

По одделни категории, Република Македонија остварува добри оценки и рангирања во доменот на монетарната слобода и бирократските процедури, како и во категориите за заштита на инвеститорите и даночното оптоварување. Од друга страна, оценките се прилично ниски во однос на функционалност на пазарот, личните слободи, корупцијата, сопственички права и иновациите.

Секторска структура на економската активност

Индустрија

Во 2016 година, пеработувачата индустрија имала учество од 80,7% во вкупното индустриско производство на Македонија. Притоа, производството на прехранбени производи била најголема индустриска гранка, со учество од 12,75%, а по неа следувале: производство на облека (11,65%), снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (9,2%), производство на машини и уреди (8,25%), производство на метали (5,76%), производство на други неметални минерални производи (5,14%), производство на пијалаци, производство на возила и приколки (4,81), производство на електрична опрема (3,82%), производство на фабрикувани метални производи (3,5%), производство на основни фармацевтски производи (2,36%), производство на производи од гума и пластични маси (2,35%), производство на текстил (2,18%) итн.

Индустриското производство во Македонија претставува значаен извозен сектор. Така, во 2016 година, металопреработувачката индустрија и електроиндустријата оствариле извоз од 1.413.395.467 долари, од кои, најголем извоз остварило производството на машини и опрема (592.718.576 долари) и производството на моторни возила (504.858.154 долари).

Енергија

Во Република Македонија во 2020 година во електропреносниот и електродистрибутивниот систем се испорачани вкупно 8.479 GWh, од кои 5.128 GWh електрична енергија е произведена од домашните производители, што е за 9,38 % помалку отколку во 2019 година или, изразено во апсолутна вредност, во 2020 година 530 GWh електрична енергија е помалку произведена во споредба со 2019 година.

Во 2020 година 69 % од потрошувачката на електрична енергија е обезбедена од домашно производство на електрична енергија, додека 31 % се обезбедени од увоз.

Во вкупниот инсталиран капацитет термоелектроцентралите имаат најголемо учество со 49,16 %, потоа следуваат хидроелектроцентралите со 33,52 %, комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со 13,66 % и сите преостанати со 3,66%.

Во електроенергетскиот систем во 2020 година се приклучени нови производители на електрична енергија со инсталиран капацитет 14,8 MW, и сите се приклучени на електродистрибутивната мрежа. Најголем дел од новите електроцентрали се или фотонапонски електроцентрали, со вкупен инсталиран капацитет од 7 MW, или мали хидроелектроцентрали, со вкупен инсталиран капацитет од 7,8 MW.

Пазарот на електрична енергија во Македонија го сочинуваат неколку учесници: „ЕСМ“ како најголем производител на електрична енергија, „МЕПСО“ како акционерско друштво во државна сопственост коешто управува со електропреносниот систем и „ЕВН Македонија“, како приватно акционерско друштво коешто управува со мрежата за дистрибуција на електричната енергија до тарифните потрошувачи. Всушност, овие три друштва го сочинуваат регулираниот пазар на електрична енергија, а покрај него постои и слободен (нерегулиран) пазар, во чии рамки се врши тргување со електрична енергија меѓу трговците (овластените, лиценцирани снабдувачи) и таканаречените квалификувани потрошувачи.

Проблемите со недостигот од вода во хидроцентралите, но и делумно блокираните производствени капацитети на термоелектраните поради чести технички зафати и недостаток на квалитетен суровински материјал, значително влијае и го намалува производството на електрична енергија.

Причините за трендот на намалување на производството во термоелектроцентралите се многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето и друго. Термоелектроцентралата „Осломеј“ во последните 3 години има многу мало производство на електрична енергија, пред сè поради тоа што целокупните резерви на јаглен во РЕК „Осломеј“ се веќе искористени. Производството на електрична енергија во АД ЕСМ, во 2020 година, е речиси преполовено во однос на 2011 година, односно изнесува само 52 %.

И покрај ова, електроенергетскиот систем на Република Македонија е стабилен и снабдувањето со електрична енергија е континуирано, пред сè поради добрите интерконективни врски со соседните електропреносни системи.

Земјоделство

Земјоделството има значајно и стабилно учество во македонската економија, при што веднаш по индустријата тоа има најголемо учество во БДП кое во 2020 година учествувало со 8,6%. Меѓутоа, ако се додаде и процентот од учеството од индустријата за прехранбената и тутунската индустрија, тогаш агрокомплексот во македонското стопанство добива поголемо економско значење. Но, земјоделството покажува негативен тренд на постепено опаѓање.

Од поледелските култури најмногу се застапени: житните – зрнести растенија (пченица, пченка, ‘рж, јачмен и овес); грозје (винова лоза); градинарски култури, овошје и др. Благата клима, особено средоземната, овозможува да се одгледуваат различни тропски индустриски растенија, како на пример оризот и тутунот, а во помали количества – сончогледот и шеќерната репка, како и памукот, афионот и сусамот.

Според земјоделскиот попис спроведен од Државниот завод за статистика во сите осум региони на државата најмногу се одгледувале житните култури, Пелагонискиот и Југоисточниот дел се засеани и со индустриски култури, а Полошкиот, Југозападниот и Југоисточниот Регион со фуражни растенија. Во Југоисточниот, а по него и во Скопскиот Регион најмногу успеваат и градинарските култури. Вардарскиот и Пелагонискиот се со најразновидно производство, односно во нив успеваат речиси сите земјоделски производи. Високите планини во Македонија чиишто падини се покриени со густа и висока трева, како и пасиштата (ливади и утрини) во котлините се поволни за развој на сточарството.

Врз основа на застапеноста на одредени култури кои се одгледуваат и со кои најмногу се занимаваат жителите, одредени области и региони се надалеку познати и препознатливи според најчесто одгледуваните земјоделските култури како на пример Пелагонија како најголема житница, Кочанско по оризот, Прилепско по тутунот, Струмичко по пиперките и доматите односно зеленчукот, Тиквешијата или Кавадаречко и Неготинско по грозјето и лозарството, Преспа (Ресенско) по јаболката, Тетовско по гравот, Беровско и Кривопаланечко по компирот, Гостиварско, Бучин и Драчево по кромидот, Гевгелиско со Миравци и Скопско со Бардовци по зелката, Росоман по праските, Валандовско по калинките итн.

Во 2014 година, во регистерот на Управата за јавни приходи биле евидентирани вкупно 16.593 земјоделци кои се регистрирале како лица на кои земјоделството им е основна дејност, додека 143.399 лица пријавиле дека земјоделството им е дополнителна дејност.

Во 2018 година е остварено производство на:

294.000 тони грозје; 241.000 тони пченица; 190.000 тони пченка; 182.000 тони пиперка; 181.000 тони компир; 173.000 тони зелка; 161.000 тони домат; 140.000 тони јаболко; 132.000 тони лубеница; 130.000 тони јачмен; 59.000 тони кромид; 54.000 тони краставица; покрај помалите приноси на други земјоделски производи.

Надворешна трговија

Трговијата во Македонија отсекогаш имала меѓународен карактер, благодарение на нејзината централна положба на Балканскиот Полуостров и поволната природна и воедно најкрата врска помеѓу запад и исток и по долината на реката Вардар, што било забележано уште од античките времиња кога главните римски патишта (Вија Егнација) минувале низ Македонија, а Скопје и Солун биле главни трговски центри со присуство на познати трговци од Дубровник, Венеција, Византија.

По осамостојувањето, Македонија како мала земја се соочила со императивот да ја зголеми својата отвореност и да ја подобри својата интегрираност во глобалните светски економски текови во 1990 година.

Тенденцијата на пораст на надворешнотрговската размена е проследена со намалување на степенот на покриеност на увозот со извоз и со пораст на трговскиот дефицит на земјата.

Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2019, изнесува 72.9 %. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите и сетовите на проводници за палење и слично за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица. Потоа во структурата на извозот значајно учество имаат: железото и челикот, текстилот и облеката, земјоделските производи – храна и суровини, минералните суровини – руда, горива и обоени метали и машини, канцелариска и транспортна опрема. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик. Потоа следуваат другите минерални суровини, рудите и горивата, машините, канцелариската и транспортната опрема, земјоделските производи – храна и суровини, хемиските производи и различни полупроизводи.

Во јануари 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција, Бугарија, Италија, Турција и Кина.

Република Македонија е голем увозник на енергија. Нето-увозот на електрична енергија во 2020 година изнесувал огромни 31,38 отсто од потрошувачката, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика во својот годишен извештај. Тоа е голема разлика во однос на претходните две години кога интервентниот увоз бил 24,39 во 2019 и 26,02 во 2018.