Измени и дополнувања на Законот за минимална плата

Во „Службен весник на РСМ“ бр.41/22, објавeн е законот за измени и дополнувања на Законот за минимална плата во РС Македонија „Службен весник на РМ“, број 11/12… „Службен весник на РСМ“ бр.41/22.

Со измените и дополнувањата:

  • Се менува методологијата за пресметка на износот на минимална плата;
  • Се пропишува висината на износот на минимална плата за периодот март 2022 до февруари 2023 година (26.422 бруто или 18.000 нето);
  • Се утврдува финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата за периодот март 2022 – декември 2022 година;
  • Се пропишуваат условите кои работодавачите треба да ги исполнат за да можат да ја добијат финансиската помош
  • Се пропишува начинот на користење и враќање на финансиската помош за исплата на минималната плата.

Финансиската помош, која се исплатува од Буџетот на РС Македонија, за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, за периодот март 2022 година-декември 2022 година, изнесува 1.197,00 денари  по работник, за работници на кои основната плата ќе им се исплати до нивото на бруто плата во износ од  26.422,00 денари.

За да можат ја добијат финансиската помош работодавачите треба да ги исполнат следните услови:

  • работодавачот да не е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице за кои бара финансиска помош,
  • работодавачот да има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење,
  • работодавачот да ги има подмирено обврските по основ на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месецот за кој се обезбедува финансиската помош.

Работодавачот кој ќе добие финансиска помош, е должен да го задржи на работа работникот за кој добива финансиска помош најмалку 1 година по завршување на периодот на добивање на финансиската помош.

Работодавачот кој нема да го задржи на работа работникот најмалку 1 година, должен е да ги врати средствата во износ на добиената финансиска помош, во рок од 30 дена од денот на одјавувањето на работникот за кој добивал финансиска помош, освен во случај на остварување на право на пензија, престанок на работниот однос по вина или волја на работникот или смрт на работникот.

Финансиска помош не може да оствари:

  • обврзник кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници, согласно со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на РС Македонија“ број 239/19) и
  • обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за работници, за периодот додека ја користи мерката.