Иновација

Иновација е примена на нова подобрена идеја, постапка, производ, услуга, процес кои овозможуваат нова корист или квалитет во примената. Иновациите даваат подобрување во областа на конструкција на производите (технолошки иновации), на процесите, организацијата на работењето, маркетингот,  услугите итн. Всушност, иновацијата е практична примена на идеите која што доведува до појава на нови производи или услуги или подобрување на производите или услугите.

Во услови на жестока конкуренција и заситеност на пазарот, компаниите кои не иновираат, стагнираат, назадуваат и згаснуваат. Во поширока смисла, иновацијата е секој потфат со кој се намалуваат инпутите, т.е. трошоците на производство, се зголемува продуктивноста или искористување на опремата или времето, се подобрува квалитетот на производите или услугите, се зголемува пласманот и безбедноста и др., односно секоја мерка која води кон пораст на конкурентноста.

Особено е важна улогата на иновациите во претприемништвото, па затоа и претприемништвото се дефинира како трајно настојување со барање на нови иновации и нивна комерализација да се оствари профит.

Во развиените економии, на иновациите и иноваторите се посветува посебно внимание, а иновативноста високо котира на скалата на системот на вредности. Највреден ресурс на компаниите не се сметаат материјалните добра како зградите, погоните или капиталот (тие секогаш можат да се најдат на пазарот) туку знаењето, искуството и иновативноста содржана во индустриската традиција на нацијата и квалитетниот кадар.

Во потесна смисла, иновациите опфаќаат интелектуална сопственост, кои ги содржат следните категории: изум, патент, лиценца, know-how (да се знае како), индустриски дизајн итн.