Самостојна пријава за упис во Трговски Регистар

Самостојна пријава за упис на основање во Трговски Регистар и Регистарот на Други Правни Лица

Одговорна институција: Централен регистар на РС Македонија (ЦРРСМ)

Останати институции: Управа за јавни приходи (УЈП) Клириншка куќа Клириншки интербанкарски системи АД Скопје (КИБС), Деловни банки во РС Македонија, Агенција за вработување на РС Македонија (АВРСМ)

Напомена: Овие инструкции се наменети за обични корисници и претставници на субјектите. По успешното креирање на корисичкиот налог и успешното барање пристап до е – регистрација во Централниот регистар, потребно е да испратите e-mail порака на E-PodnesiSam@crm.org.mk со содржина дека барањето на пристап е за самостојно поднесување во системот за е – регистрација, пристапот ќе ви биде одобрен. За Регистрационен агент, соодветните инструкции се дадени во услугата „Регистрација на субјект (инструкции за Регистрационен агент)“.

Во зависност од начинот на поднесување предвиден со закон за различните типови на субјекти, оваа услуга овозможува самостојно (без посредство на Регистрационен агент) да поднесете пријава за основање на нов субјект, и тоа:

•             Во канцелариите на Централниот Регистар, или

•             Електронски преку интернет, без посета на канцелариите на Централниот Регистар. За електронско поднесување, сите учесници во постапката треба да поседуваат дигитален сертификат. Централниот регистар ги прифаќа следните квалификувани дигитални сертификати во Македонија: КИБС АД Скопје (Верба К1, Верба К2, Верба Про1, Верба Про2), Македонски Телеком АД (Доверливост KS, Доверливост KS+, Доверливост KSN, Доверливост KSN+)

Доколку сакате да основате субјект со помош на регистрационен агент, изберете ја услугата „Регистрација на субјект преку Регистрационен агент“. Регистрацијата преку регистрационен агент согласно законите е возможна само за одредени типови на субјекти.

Регистрација на субјект (ДОО, ДООЕЛ, Трговец Поединец, АД, Здруженија, Фондации итн.) во Трговскиот регистар и Регистарот на Други Правни Лица претставува интегрирана услуга која подразбира регистрација на субјектот во соодветниот регистар, како и:

•             Регистрација на субјектот како даночен обврзник во Управата за Јавни Приходи;

•             Резервација на банкарска сметка во банка по сопствен избор.

Дополнително, доколку е соодветно на избраниот тип на субјект и неговата форма подносителот може да избере дали сака во рамките на истата процедура да:

•             Поднесе пријава до Управата за Јавни Приходи за доброволна регистрација на субјектот како ДДВ обврзник;

•             Поднесе пријава до Агенцијата за Вработување на РС Македонија со цел регистрација на првите работници за субјектот.

Пред да поднесете пријава за основање, препорачливо е да извршите проверка и да го резервирате посакуваното име на субјектот користејќи ја услугата „Проверка и резервација на име“.

За повеќе информации за најчестите типови на субјекти и начинот на поднесување, подолу одберете го типот на субјект за кој сте заинтересирани. Дополнително Централниот Регистар врши упис и на други правни лица. Ова ги вклучува:

•             Субјекти кои се основани под други основни регистри, за кои Централниот Регистар обезбедува податоци. За повеќе информации, обратете се во институцијата одговорна за основниот регистар за конкретната намена.

Нотари; Адвокати; Извршители; Занаетчии; Земјоделци; Приватни агенции за вработување; Друштво за посредување во вработувањето во земјата и странство; Синдикати; Политички партии; Црква, верска заедница, религиозна група; Комори; Други.

•             Субјекти основани од државна/општинска институција или со посебен пропис, вклучувајќи:

Јавно Претпријатие; Државна установа; Субјект основан со посебен пропис.

•             Останати субјекти кои се предмет на регистрација.

Командитно друштво (КД); Командитно друштво со Акции (КДА); Јавно Трговско Друштво (ЈТД); Стопанска интересна заедница (СИЗ); Комора; Задруга.

Следните обрасци може да се користат за овие типови на субјекти:

•             ПО образец – Пријава за упис на основање на субјект во Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица

•             ЗП Образец – Заверен потпис

•             БРВ образец – Барање за евидентирање на работно време

•             ПЕ образец – Пријава за обезбедување на податоци преку Едношалтерски систем

За повеќе информации, погледнете ја соодветната законска регулатива на веб страницата на Централниот Регистар или обратете се кај претставниците на Централниот Регистар на РС Македонија.