Постапка за основање претпријатие

Назив на фирмата

Пред да се започне бизнисот мора да се има идеја за тоа како би се викала фирмата. Откога ќе се смисли името, на веб страната на Централниот регистар на РМ (ЦРМ) може да се провери дали тоа име е слободно или не. Доколку не е, потребно е да се најде име кое сеуште не е заведено во ЦРМ.

Оснивачки влог

Согласно Законот за трговски друштва (ЗТД) за да се основа Друштво со ограничена одговорност (ДООЕЛ – друштво основано од едно лице, и ДОО – друштво основано од повеќе лица), потребно е да се внесе влог од 5000 евра. Тој влог може да биде паричен или непаричен влог.

Паричниот влог може да се внесе веднаш со самото основање на фирмата, но може да се внесе и дополнително, но не покасно од една година од основање на претпријатието.

За непаричен влог, овластен проценител врши проценка на предмети кои се вложуваат во фирмата (на пр. биро, фотеља, компјутер, принтер, телефон, итн), и изготвува извештај за проценка за основање на трговското друштво.

Изјава/Договор за основање на претпријатието

Доколку се основа ДООЕЛ во тој случај се изготвува Изјава за основање на Друштвото, а кога се основа ДОО во тој случај се изготвува Договор за основање.

Изјавата односно Договорот за основање треба да ги содржи следните податоци:

    1. Фирмата и седиштето на Друштвото,

    2. Предметот на работењето на Друштвото,

    3. Името и презимето, ЕМБ, бр. на лична карта, односно број на пасош доколку основачот е странско физичко лице или друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и негово државјанство, местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС ако содружникот е правно лице;

    4. Износот на основната главнина (влогот);

    5. Начинот и времето на уплата на паричните влогови што не се уплатуваат во целост;

    6. Името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење,

    7. Застапувањето на друштвото;

    8. Правата и обврските што содружниците ги имаат спрема друштвото, покрај уплата на своите влогови, како и правата и обврските коишто ги има друштвото спрема основачите;

    9. Начинот и мерилата на распределба на добивката и начинот на покривање на загубата;

    10. Управувањето на друштвото и

    11. Престанување на друштвото.

Подружница

Доколку планирате дејноста на вашето друштво да се води надвор од местото каде што е регистрирана фирмата, потребно е да се организира подружница. Подружницата може да се организира веднаш со регистрацијата на друштвото, доколку веднаш би се започнало да се работи со неа. Но, таа може и да се регистрира во било кое време за време траењето на друштвото.

Изјави

    1. Изјава по член 29 дека не постојат ограничувања за основање на трговско друштво,

    2. Изјава по член 32 дека дека друштвото сте го основале во согласност со законот и податоците содржани во прилозите коишто ги поднесувате кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со законот.

    3. Изјава по член 35 за непаричниот влог на Душтвото

    4. Изјава по член 183 точка 7 дека управител на друштвото прифаќа изборот. (заверена на нотар)

Отварање на сметка во банка

Кон пријавата за основање на Друштвото се наведува Банката во која сакате да биде сметката на Друштвото, која се активира по добивањето на решението за основање од ЦРМ.

ЗП и ПО обрасци

ЗП образецот се заверува на нотар од страна на управителот, во кој се наведени називот на претпријатието, седиштето, името и презимето на Управителот, ЕМБ на управителот и своерачен потпис од Управителот.

ПО образецот се пополнува електронски од овластен регистрационен агент.

Печати

Потребно е да се поднесе барање за печати, за да може веднаш по добивањето на решението да се продолжи со остатокот од постапката.

По два до три дена ЦРМ издава решение дека фирмата е основана.