Трговски друштва

Според Законот за трговски друштва во Република Македонија можат да се регистрираат два вида на правни лица:

  • Трговец-поединец (физичко лице кое во вид на занимање врши некоја од трговските дејности); и
  • Трговско друштво (правно лице во коешто едно или повеќе лица вложуваат пари, ствари и/или права што ги користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето).

Трговските друштва во зависност од формата се делат на следните видови:

  • Друштво со ограничена одговорност (ДОО);
  • Акционерско друштво (АД);
  • Командитно друштво; и
  • Јавно трговско друштво.

Најчеста форма на трговско друштво во Република Македонија се Друштвата со ограничена одговорност (ДОО).

Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ)

Кога друштвото со ограничена одговорност се основа од едно правно или физичко лице, тоа се нарекува друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ).

Друштвото со ограничена одговорност (ДОО)

Друштвото со ограничена одговорност (ДОО) е трговско друштво во коешто едно или повеќе физички и/или правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. ДОО може да биде основано од едно или повеќе физички и/или правни лица (најмногу 50). Во правниот промет со трети лица основачите на друштвото не одговараат лично за обврските на друштвото, но преземаат ризик за работењето на друштвото до висината на својот влог што го внеле во друштвото. Во правниот промет со трети лица ДОО за своите обврски одговара со целиот свој имот.

Трговец-поединец

Друга форма на правни субјекти што е често застапена во Република Македонија е трговец-поединец, каде што физичкото лице одговара за своите обврски лично и неограничено со сиот свој имот.